На саем во Солун, напредни технологии, вештачка интелигенција во сточарството
- Напредни технологии, вештачка интелигенција во сточарството, најразлични видови алатки и опрема, беа дел од неодамнешниот саем за земјоделство и сточарство што се одржа во Солун. Заедно со претставници на Здружението за заштита на природата „Ековита" од Неготино, но и заинтересирани од Прилеп и од Кавадарци, го посетивме овој саем, со цел да видиме како напреднала техниката и технологијата и како модернизацијата споена со традицијата, може да доведат до поквалитетно земјоделско и сточарско производство.

Солун, 14 февруари 2025 (МИА) - Напредни технологии, вештачка интелигенција во сточарството, најразлични видови алатки и опрема, беа дел од неодамнешниот саем за земјоделство и сточарство што се одржа во Солун. Заедно со претставници на Здружението за заштита на природата „Ековита" од Неготино, но и заинтересирани од Прилеп и од Кавадарци, го посетивме овој саем, со цел да видиме како напреднала техниката и технологијата и како модернизацијата споена со традицијата, може да доведат до поквалитетно земјоделско и сточарско производство.
Наспроти модерните молзачки на пример, можевме да забележиме традиционални клопотарци што се ставаат на вратовите на животните, за да ѕвонат кога пасат и по нив сточарите да знаат каде им е стадото при паша на отворен простор. Можевме да дегустираме и да си купиме извонредни млечни производи и многу други производи што беа дел од неколкуте сали во саемскиот простор.
Свилени буби и производство на инсекти како храна за животни
Кристина Тодорова е млад дипломиран земјоделски инженер, долгогодишен активист во „Ековита". За МИА откри дека меѓу другото, на саемот за земјоделство и сточарство во Солун, дошла и поради желбата, да ги унапреди своите теоретски и практични знаења околу производството на свилена буба. МИА веќе пишуваше дека таа е една од ретките, можеби и единствената во државава, што произведуваше свилени буби.
- До почетокот на шеесетите години од минатиот век во Тиквешијата, тиквешани освен грозје одгледувале и свилени буби. Покрај тоа што од свилата се правела ткаенина, таа се употребувала за правење на торби за топовски барут, за гуми за велосипед, за непробојни елеци, хируршки конец и слично. Многу сум заинтересирана за ова производство и ќе направам се што е во моите можности, да го вратам одгледувањето на свилени буби и да ги спојам традицијата и модерното време, подвлече таа во разговорот што го имавме крај саемските штандови.
Тодорова ни откри дека нејзиното експериментално производство на свилени буби не било за свила, туку, ларвите од нив ги користела за природна исхрана на домашни животни.
Свилените буби не се единствената реткост со која се занимава оваа млада девојка. Таа одгледува и различни видови на инсекти, што можат да бидат органска храна за домашни животни.
- Во сферата на мојот интерес се и иновативни производи направени како храна за домашни животни, како производ со додадена вредност. Во домашни услови, експериментално, во рамките на моите еколошки активности во склоп на еко здружението, произведувам инсекти како храна за домашни животни. За жал, на саемот не видовме иновативна храна од инсекти за домашни животни, како нашиот проект за циркуларна економија, поддржан од Европската Унија, а го спроведуваме во средни училишта во земјава, истакна Тодорова.
Зачувување на животната средина и поддршка на локалните производители
Тодорова како еко активист, ни ги откри и своите впечатоци од посетата на меѓународниот саем, ZOOTECHNIA 2024".
- Посетата на меѓународниот саем ,ZOOTECHNIA 2024" беше исклучително инспиративно и едукативно искуство за нашиот тим. Овој реномиран настан, кој ги обединува водечките иноватори, истражувачи и производители во областа на земјоделството, сточарството и одржливото производство на храна, ни овозможи да се запознаеме со најновите технологии, решенија и трендови во индустријата, нагласи таа.
Имале можност да разменат искуства со експерти од различни земји, да се запознаат со современите пристапи за одржливо управување со сточарството и да истражат нови еко-иновативни решенија кои можат да се применат и кај нас.
- Посебно не воодушевија презентациите за алтернативни протеини и циркуларна економија во сточарството, како и напредните системи за мониторинг на добитокот и вештачка интелигенција. Инспирирани од наученото, ќе продолжиме да ја унапредуваме нашата работа со примена на иновативни и одржливи практики, со цел зачувување на животната средина и поддршка на локалните производители, рече Тодорова за МИА.
Светлана Дарудова
Фото: МИА